Кубанската електрична мрежа повторно се распадна денес, објавија државните медиуми. Владата се обидуваше да го обнови системот по целосниот прекин што ја погоди целата земја синоќа. Застарениот електроенергетски систем на Куба долго време беше оптоварен со недостиг на гориво, дотраена инфраструктура и ембарго на нафта од САД.
Прекините на електричната енергија што траеја неколку часа, а сè повеќе и неколку денови, станаа почести во последните месеци низ карипската островска земја со околу 10 милиони луѓе. Куба претрпе три целосни прекини за само девет дена во јули. Целата електрична мрежа на островот повторно се распадна вчера вечерта.
„Осцилацијата предизвика колапс“
„И покрај напредокот што го постигнавме денес, осцилацијата предизвика колапс“, рече Лазаро Мануел Алонсо од кубанската државна телевизија во објава на социјалните медиуми.
Енергетската инфраструктура на Куба е дополнително оптоварена со ембаргото на нафта што го наметна Вашингтон откако американските сили го заробија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари. Дотогаш, Венецуела беше најголемиот снабдувач со нафта на Куба. Испораките на нафта до таа островска земја беа суспендирани и од Мексико, под притисок од САД.
Владата во Хавана го обвинува децениското американско трговско ембарго за проблемите со инфраструктурата. Вашингтон, од друга страна, тврди дека прекините во снабдувањето со електрична енергија се резултат на лошо управување од страна на кубанската влада.