Група независни експерти на Обединетите нации го осудија насилството врз цивилите во Израел и велат дека одмаздата против Газа се претворила во „колективна казна“.
Осудувајќи ги „грозоморните злосторства извршени од Хамас“, групата рече дека Израел прибегнал кон „неселективни воени напади против веќе исцрпениот палестински народ во Газа“.
„Тие живеат под нелегална блокада веќе 16 години и поминаа низ пет големи брутални војни, за кои никој не одговараше“, се вели во соопштението на групата, во која има неколку специјални известувачи на ОН.
„Ова е еднакво на колективна казна. Нема оправдување за насилството кое е неселективно насочено кон невините цивили, без разлика дали тоа го прават Хамас или израелските сили. Тоа е апсолутно забрането според меѓународното право и претставува воено злосторство“.
Групата рече дека земањето заложници во контекст на воените дејствија, исто така, претставува воено злосторство.
„Цивилите земени од Хамас мора веднаш да бидат ослободени“, велат експертите. Бројот на загинати во Израел од саботата се искачи на повеќе од 1.300. Повеќето беа цивили застрелани од Хамас во нивните домови, на улиците или на забава.
Десетици израелски и странски заложници беа однесени во Газа. Израел соопшти дека нема да има хуманитарен прекин во опсадата на Појасот Газа додека не се ослободат сите заложници.