Пакистанските власти ги ставија во состојба на готовност спасувачките служби откако обилните дождови, грмотевици и удари на гром направија хаос низ целата земја.
Националната управа за управување со катастрофи (NDMA) побара од службите за итни случаи да бидат внимателни за посериозни временски услови. Бројот на загинати од обилните дождови во последните четири дена се искачи на 50, соопштија претставници на провинциската влада.
Најмалку 21 лице, меѓу кои седум деца, загинаа во удар на гром во централната провинција Пенџаб.
Уште 21 лице загина во северозападната провинција Хајбер Пахтунхва. Најмалку осум загинаа во јужната провинција Балучистан.
Времето ја запре жетвата на пченицата во Пенџаб. Се стравува дека претстојните дождови кои почнуваат во четврток не само што дополнително ќе ја одложат жетвата, туку ќе го оштетат и родот.