Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека одлуката на обвинителите на Меѓународниот кривичен суд, со која се бара налог за негово апсење, е апсурдна и е насочена кон Израел.
„Со гадење ја отфрлам споредбата на хашките обвинители меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас“, рече Нетанјаху.
„Со каква дрскост го споредувате Хамас кој убиваше, палеше, масакрираше, силуваше и ги киднапираше нашите браќа и сестри, со војниците на ИДФ кои водат праведна војна“.
Тој го нарече потегот на обвинителот на судот нов тип на антисемитизам.
„Граѓани на Израел, ви ветувам едно – обидот да ни ги врзат рацете нема да успее“, рече тој.
„Ветувам дека ниту еден притисок и ниту една одлука на ниту еден меѓународен форум нема да не спречи да ги удриме оние кои сакаат да не уништат“, додаде премиерот.
Израелскиот претседател Херцог, коментирајќи ја веста за налозите за апсење за воени злосторства, кои покрај лидерите на Хамас се однесуваат и на двајца високи израелски лидери, вклучително и самиот премиер Нетанјаху, рече дека одлуката на обвинителот „повеќе од срамна“ и ќе ги охрабри терористите ширум светот.
„Секој обид да се повлечат паралели меѓу овие ѕверски терористи и демократски избраната влада на Израел – која работи на исполнување на својата должност да ги брани и заштити своите граѓани во целосна согласност со принципите на меѓународното право – е срамота и не треба да биде прифатена од никого. “, рече Херцог.
Главниот обвинител на судот Карим Кан, побара од судиите на Меѓународниот кривичен суд да одобрат налози за апсење на тројца лидери на Хамас и двајца израелски лидери за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени за време на седуммесечната војна во Газа, објави во понеделникот судот .
Одлуката ја критикуваа и САД.