Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека лицемерието и лагите се претставени пред највисокиот суд на ОН, додавајќи дека обвинувањето на Јужна Африка против Израел за геноцидот во Газа може да се случи само во свет превртен наопаку.
„Ние се бориме против терористите, се бориме против лагите“, рече Нетанјаху, пренесе Ројтерс.
Според него, денес Израел видел дека светот е превртен наопаку и дека бил обвинет за геноцид додека се борел против геноцидот.
„Израел се бори против терористите убијци кои извршија злосторства против човештвото: тие колеа, силуваа, палеа, распарчуваа, обезглавуваа деца, жени, стари лица, млади мажи и жени“, рече тој.
Нетанјаху нагласи дека „лицемерието на Јужна Африка вреска до небо“.
„Каде беше Јужна Африка кога милиони луѓе беа убиени или протерани од своите домови во Сирија и Јемен? Од кого? Од партнерите на Хамас“.
Нетанјаху рече дека Израел ќе го задржи правото да се брани додека не постигне „тотална победа“, пренесува Танјуг.