Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху повтори дека никогаш не побарал дозвола од Доналд Трамп да го нападне Иран пред израелската воена кампања од јуни минатата година, на која на крајот се приклучија и САД, објавува „Тајмс оф Израел“.
Нетанјаху изјави дека пред почетокот на кампањата му рекол на Трамп: „Одиме во Иран, бидејќи нема да седам и да чекам на нашите непријатели – непријатели кои отворено, гласно изјавуваат дека сакаат да нè уништат, а патем и тебе, Америка“.
„Нема да дозволам тоа да се случи. И затоа дејствуваме. Не побарав дозвола. Едноставно го информирав за нашиот план“, рече Нетанјаху, додавајќи: „Ми беше мило што конечно се приклучи во завршувањето на оваа многу важна акција“.
Ова доаѓа во време на тензии меѓу Ерусалим и Вашингтон околу напорите на Трамп да постигне договор со Техеран по овогодишната заедничка американско-израелска кампања против Иран, како и загриженоста околу ограничувањата на САД врз воената слобода на дејствување на Израел.
Во долгиот говор во кој ги бранеше воените достигнувања на Израел против Иран, Хамас во Газа и Хезболах во Либан од нападите предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, Нетанјаху нагласи дека „безбедноста се постигнува со правилото „Ако некој дојде да те убие, стани рано и убиј го прв““, цитирајќи позната изрека.
Тој истакна дека ова одразува промена во безбедносната доктрина на Израел кон превентивно дејствување – „излегување на терен, преземање иницијатива и напаѓање“, додавајќи дека „најважното нешто што го направиле“ во неодамнешните конфликти било „рушење на бариерата на стравот“.