Се појасни критики и бројни прашања доаѓаат на сметка на израелските власти, пред сè, на сметка на Нетанјаху, откако помина првичниот шок по терористичкиот напад.
На само 800 метри од границата со Газа, Нахал Оз беше една од првите цели на Хамас на тој тажен 7-ми октомври. Настаните од тоа утро се болно врежани во сеќавањето на Елад Потерман и Ади Чери, кои го преживеаја нападот и веднаш го напуштија Израел и сега се во Белгија, пишува „Politico“.
Нивниот став е дека израелските власти ги предале. Не само тие, сите жртви на масакрот. Тие ја обвинуваат непријателската политика кон Палестина за зајакнување на радикализмот кој ја поткопа безбедноста на Израел и Израелците.
„Треба да кажеме дека ни е жал, и да признаеме дека не изневери. Треба да се каже дека поради него и неговата гордост беа убиени луѓе или како нас едвај преживеаја“, вели Чери, 45-годишна белгиско-израелска здравствена економистка.
Таа и Елад се спасиле така што се заклучиле во сигурни соби за време на нападот и поминале таму 12 часа додека не се појавиле припадници на израелската армија. Во текот на тие мачни часови, се сеќаваат тие, ракети летаа над главата, терористите на Хамас упаднаа во куќите низ кибуцот извикувајќи „Алаху Акбар“ и „Убијте ги Евреите“, а потоа отворија оган.
„Користеа деца и тинејџери како мамка. Биле принудени да тропаат по вратите од куќите и да бараат помош за да не бидат убиени, а доколку некој им ја отвори вратата терористите би ги убиле или ги земале како заложници. Ние би го направиле истото со тие деца и тинејџери доколку во близина немаше повеќе врати на кои ќе тропаа“, раскажува Елад Потерман (40).
Додека чекал помош во безбедната соба, тој на Фејсбук објавил дека тој, неговата сопруга Марија и нивната седуммесечна ќерка биле затворени „со терористи и никој не доаѓа да им помогне“. Тој држел секира и нож во рацете додека чекал до вратата, подготвен да ги нападне оние што ќе влезат внатре.
До неодамна работеше како учител, од безбедната соба ја праќаше, како што веруваше, последната објава на Фејсбук „Половина час сме затворени со терористи дома, никој не доаѓа“. Ниту тој, ниту неговата сопруга не очекувале да преживеат.
Во друга безбедна просторија, Чери и нејзиниот сопруг Орен и нивните три деца ја забарикадираа вратата најдобро што можеа со мебелот што го најдоа во близина. Тие преживеаја со чиста среќа и сопствените способности. Затоа се чувствуваат изневерени, пренесува медиумот.
Според нив, причините за таквиот безбедносен пропуст на највисоките нивоа сè уште се нејасни и претставуваат голем срам за администрацијата на Нетанјаху.
„Ја оставија ќерка ми да умре. Тоа никогаш нема да го заборавам. Со свои раце ќе ги исфрлам од Кнесетот. Веќе почнав да организирам еден куп луѓе од тој крај, кои се напуштени и сакаат да го прават токму тоа“, вели Потерман, кој во иднина планира да се врати во кибуцот и да го обнови својот живот.
Потерман, како и бројните противници и критичари на политиката на Нетанјаху, го нагласуваат неговиот антагонизам кон Палестинците.
„Тој е во коалиција со екстремно десничарските партии, а неговиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир е осуден за антиарапски расизам. Два дена пред нападот, човек од Верската ционистичка партија Хатзионут Хадатит изградил колиба на Западниот Брег, иако тоа не е израелска територија. Тој потег беше ПР трик за да го измамиме народот на Израел дека ние сме земјопоседници таму и дека можеме да правиме што сакаме“, рече тој.
„Ние сме на работ на граѓанска војна и тоа е дело на Нетанјаху. Проблемот е што, голем дел од населението со години е подготвено да ги повторува лагите кажани од политичарите“, вели Потерман и заклучува:
„Она што ги одржува овие режими е подготвеноста на луѓето да лажат. Во моментот кога тие не се подготвени да лажат и кога ќе се дознае дека кралот е всушност гол, сè брзо им пропаѓа“.