Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека дипломатијата не успеала да го спречи Техеран да развие нуклеарни капацитети и дека неговата земја ќе направи се што е потребно за да се одбрани од Иран.
Нетанјаху во интервју за Скај њуз ги отфрли напорите на САД за решавање на кризата само преку дијалог.
„Не мислам дека дипломатијата сама ќе успее. Може да успее само ако се комбинира со веродостојна воена закана или волја за спроведување на воената опција доколку заплашувањето не успее“, рече израелскиот лидер.
Тој предупреди дека „Иран е отворено посветен на уништување, повторување на холокаустот и уништување на шест или седум милиони израелски Евреи“ и дека нема да седи со скрстени раце и да ги остави Иранците да го направат тоа.
„Ајатоласите мислат дека можат да ни се заканат со нуклеарен холокауст. Тие грешат. Ќе направиме се што е потребно за да се одбраниме“, рече Нетанјаху.
Израелскиот премиер ги коментираше и шпекулациите за потенцијален мировен договор со Саудиска Арабија и рече дека земјата е од витално значење и дека постојат „големи можности за унапредување на мирот во регионот“.
„Мислам дека тоа би ја променило историјата“, рече Нетанјаху, објаснувајќи дека Саудиска Арабија не е само највлијателната арапска земја во арапскиот, туку и во муслиманскиот свет, а мирот со неа ќе придонесе за крајот на израелско-арапскиот конфликт и да помогне во решавањето на израелско-палестинскиот конфликт.
Нетанјаху зборуваше и за демонстрациите против судските реформи во Израел предложени од неговата влада и за преговорите за компромис и притоа рече дека не е сигурен дека ќе има компромис.