Унгарскиот премиер Петер Маѓар изјави дека нема евтин руски гас за Унгарија, наведувајќи дека цената на гасот што пристигнува од Русија се пресметува според движењата на европската берза за гас TTF, додека износот на транзитните трошоци е еден од важните фактори.
Маѓар го изјави ова во интервју за унгарскиот телевизиски канал ATV, по враќањето од Берлин, каде што разговараше за буџетот на Европската Унија, енергетската безбедност и односите со Германија.
Тој ги отфрли тврдењата на претходната унгарска влада за поповолна цена за рускиот гас, истакнувајќи дека за време на разговорите со германските претставници се зборувало и за можноста за набавка на течен природен гас (LNG) од Германија.
Осврнувајќи се на преговорите за повеќегодишниот буџет на ЕУ, Маѓар рече дека е природно земјите-членки да претставуваат различни национални интереси, истакнувајќи дека Германија е нето плаќач, а Унгарија нето корисник на средства од европскиот буџет.
Зборувајќи за казната од еден милион евра дневно што ЕУ ѝ ја изрече на Унгарија за непочитување на пресудата на Судот на правдата на ЕУ во врска со политиката за азил, Маѓар рече дека владата работи со Европската комисија за да се најде законско решение што би овозможило почитување на одлуката на судот и во исто време заштита на јужните граници на земјата.
Според него, германскиот канцелар вети помош во решавањето на ова прашање, а целта, како што изјави, е да се заврши повеќегодишниот спор до крајот на оваа година.
Маѓар најави и зајакнување на соработката во рамките на Вишеградската група (В4), оценувајќи дека усогласувањето на позициите на Унгарија, Чешка, Словачка и Полска може да ја зајакне преговарачката позиција на тие земји во Брисел.
Тој истакна дека пазарот, кој вклучува повеќе од 60 милиони жители, претставува значаен потенцијал во преговорите на ниво на ЕУ.
Во интервјуто, зборуваше и за својата посета на Берлин, наведувајќи дека германските претставници позитивно ја оцениле историската улога на Унгарија во падот на Берлинскиот ѕид и отворањето на границите во 1989 година, пренесува Танјуг.