Еден индиски државјанин загина, а 13 беа спасени по нападот врз трговскиот брод MSV AL JUSUFI. Инцидентот се случил во понеделникот во близина на градот Лимах во Оман, а информацијата во вторникот ја соопшти индиското Министерство за надворешни работи, пренесува Ројтерс.
Во официјалното соопштение на Министерството се наведува дека на бродот имало вкупно 14 индиски државјани.
Тензиите во регионот растат
Нападот се случи во време на зголемени тензии на Блискиот Исток, додека продолжуваат дипломатските напори за постигнување договор меѓу САД и Иран со цел да се стави крај на војната и повторно да се отвори Ормускиот теснец.
Американската војска извршила ограничени напади врз иранскиот остров Кешм, потврдија тројца американски претставници за Си-Ен-Ен. Тие ги опишаа нападите како одбранбена акција, откако Иран отворил оган врз американски авион.
Островот Кешм игра важна улога во контролата што ја има Иран врз сообраќајот низ Ормускиот теснец, една од клучните светски рути за транспорт на нафта. Од почетокот на војната, Иран тврди дека го следи минувањето на бродовите низ теснецот и ги напаѓа пловилата што се обидуваат да поминат без негова дозвола.
Во исто време, продолжуваат дипломатските контакти меѓу Вашингтон и Техеран. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е можно да се постигне договор со Иран, но не ја исклучи можноста за нови воени напади.