Најмалку 17 Рохинџи загинаа, а 30 се водат како исчезнати кога се превртел чамецот со кој се превезувале во Бенгалски Залив.
Бродоломот го преживеале осум лица. Не се знае од каде тргнал чамецот на пат кон Малезија, каде илјадници Рохинџи бегаат од прогонот и сиромаштијата во Мјанмар и Бангладеш.
Рохинџите се индо-азиски народ поврзан со Бенгалците, кои ги населуваат северните делови на државата Ракин во Мјанмар. Тие се муслимани и го зборуваат јазикот рохинџа, вкупно ги има околу два милиони, од кои околу 1,3 милиони се во Мјанмар.
Во 1982 година, бурманската влада ги укина граѓанските права на народот Рохинџи и е изложен на дискриминација и прогон во Мјанмар, поранешна Бурма. Повеќе од 100.000 Рохинџи живеат во кампови за внатрешно раселени лица, и властите не им дозволуваат да ги напуштат. Голем број од нив живеат и во бегалски кампови во Бангладеш.