Бројот на загинати во земјотресот во Мароко се искачи на 1.037, а најмалку 1.200 луѓе се повредени, јави Асошиејтед прес.
Соопштено е дека најголема штета и загинати има во тешко достапни планински области, а повредените се пренесени на лекување во болници.
Земјотресот се случи синоќа нешто по 23 часот по локално време, на релативно мала длабочина од 18,5 километри, со епицентар на 72 километри југозападно од туристичкиот центар Маракеш.
Блокирани патишта, оштетени згради
Локалните медиуми објавија дека патиштата што водат до планинскиот регион околу епицентарот на земјотресот се заглавени со возила и блокирани од урнати карпи, што ги забавува спасувачките напори.
Според државната телевизија Ал Аула, земјотресот оштетил делови од историските ѕидини на Маракеш од 12 век.
Илјадници луѓе ги напуштија своите домови и станбени згради откако Националниот институт за геофизика во земјата предупреди за последователни потреси.
Сведоците го опишаа ужасот низ кој поминале, коментирајќи дека стравуваат, се слушале вресоци, паѓање на предмети и се’ уште се во шок и неверување, a насекаде има урнатини.
Претхоно, МНР објави дека двајца македонски државјани се евакуирани во Маракеш и се во добра состојба.