Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека Русија може лесно да го врати мирот во Украина во секое време, како што рече, со повлекување од нелегално окупираните територии.
„На Украина повторно и треба целосен територијален интегритет и суверенитет“, рече Мелони за време на говорот на виртуелниот самит на Г-20, пренесе „АНСА“.
Според извори во резиденцијата на италијанската премиерка, таа испратила нова осуда за постапките на Москва, поради, како што се додава, „сериозните последици и штети предизвикани за најсиромашните земји“.
Денеска се одржа виртуелен состанок на лидерите на групата Г-20, со кој претседаваше Индија.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно денеска изјави дека Русија е подготвена за преговори за завршување на војната во Украина, но дека Киев не сака да преговара за мир, јави Танјуг.
Како што пре3несе Ројтерс, Путин го искористи својот говор на состанокот на Г-20 за да каже дека е неопходно да се размислува како да се запре трагедијата на конфликтот во Украина и рече дека Русија никогаш не одбила да учествува во мировните преговори со Украина.