Човек од Колорадо почина во болница откако го касна неговото милениче, отровен брадавичар. Кристофер Вард (34) бил итно пренесен во болница набргу откако бил каснат од еден од неговите два отровни гуштери на 12 февруари. Набрзо завршил на апарати за одржување, а починал во петокот.
Претставниците на судскиот совет од округот Џеферсон вчера одбија да коментираат за причината за неговата смрт или дали Вард починал од отров или од друга здравствена состојба. Девојката на Вард ги предала гуштерите, по име Винстон и Потато, на властите ден по каснувањето, пренесува „Еј-би-си Њуз“.
Таа на полицијата и кажала дека Вард веднаш почнал да покажува симптоми – повраќал неколку пати, а потоа на крајот се онесвестил и престанал да дише. 34-годишникот го купил Винстон, кој го каснал, во октомври на рептили шоу во Денвер, а Потато од одгледувач во Аризона во ноември.
Отровните брадавичари се отровни влекачи кои живеат во југозападниот дел на САД и на територијата на Мексико. Тие се хранат со птици, нивните јајца и помали цицачи. Острите заби во долната вилица имаат бразди низ кои тече отровот од токсичните сублингвални жлезди. По нивниот угриз, луѓето може да почувствуваат силна болка и да се онесвестат, но тие обично не се фатални.