Американските и британските поморски сили уништија 21 беспилотно летало и проектил истрелани од проиранските Хути од територијата на Јемен во јужниот дел на Црвеното Море, потврдија САД, а Британија навести и други мерки насочени кон заштита на меѓународните водни патишта, велејќи дека не треба да се дозволи продолжување на нападот.
Британскиот министер за одбрана Грант Шапс изјави дека ова е најголемиот напад на јеменските милитанти откако пред три месеци избувна војната меѓу Израел и Хамас во Газа и се прелева и во други делови на Блискиот Исток.
„Оваа ситуација е неодржлива“, им рече Шапс на новинарите, додавајќи дека „ќе го надгледува тој простор“ имајќи ги предвид можните понатамошни дејствија од Британија и нејзините меѓународни партнери.
„Тоа не може да продолжи и не смееме да дозволиме да продолжи“, рече Шапс за нападите на проиранската милитантна група.
Од 19 ноември, тоа беше 26-ти напад на Хутите врз комерцијалните бродски линии.
Воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, рече дека милитантите истрелале голем број балистички и поморски ракети и беспилотни летала врз американскиот брод поради „поддршката“ за Израел.
Тој, исто така, рече дека нападот е „прелиминарен одговор“ на нападот на американските сили врз бродовите на Хутите во неделата, во кој загинаа десет членови на групата.
Хутите, кои контролираат голем дел од Јемен, ги напаѓаат бродските рути во Црвеното Море во знак на поддршка за Хамас, палестинското исламистичко движење.
Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека станува збор за „јасна ескалација“.
Нападите сериозно ја нарушија меѓународната трговија на една од клучните рути меѓу Европа и Азија, која носи околу 15 отсто од светскиот бродски сообраќај.