Малиар: Украинската армија за една недела ослободи територија од 37 квадратни километри

maliar
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Украинската армија за една недела повратила територија од 37 квадратни километри од руските сили на истокот и југот на земјата, како дел од контраофанзивата што ја спроведува во овие области, изјави денеска украинската заменик министерка за одбрана Гана Малиар.

Таа кажа дека на југот на земјата, ослободените територии се зголемени за 28,4 квадратни километри, со што вкупната површина вратена во оваа зона е 158 квадратни километри во контраофанзивата што ја почна на почетокот на јуни.


На истокот од земјата од Русите се повратени само девет квадратни километри, изјави заменик министерката за одбрана.

-Непријателот дава силен отпор, во тек е многу тешка борба, рече Малиар.

Таа, исто така, кажа дека руските сили почнале офанзива на крајот на минатата недела во близина на Сватова, во источниот регион Луганск и додаде дека Русите се обидуваат да напредуваат кон Лиман, град во областа Доњецк што украинската војска повторно го зазеде минатата есен.

Командантот на украинската армија, генерал Валериј Залужни, оцени дека неговите трупи биле ограничени во нивната контраофанзива поради бавното доставување на западно оружје и недостатокот на борбени авиони. Тој ова го кажа во интервју од петокот во американскиот весник „Вашингтон пост“.

„За да и се спротивстави на Москва, на Украина и се потребни борбени авиони Ф-16 што е можно поскоро“, изјави украинскиот генерал и додаде дека на нивната армија и недостига и артилерија за да се спротивстават на моќните руски напади.

Началникот на Генералштабот на американската армија Марк Мили во петокот рече дека САД ќе и ја пружат на Украина сета помош што и е потребна и призна дека контраофанзивата „се одвива побавно од планираното“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK