Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Европската унија (ЕУ) треба да биде храбра и да најде начини за интегрирање на земјите кандидати, меѓу кои се Молдавија, Украина и земјите од Западен Балкан, пишува Политико.
Макрон рече дека ЕУ треба да се реформира ако сака да интегрира нови нации и дека мора да изгради консензус со повеќе од 30 нејзини членки.
„Ризик е да се мисли дека можеме да се прошириме без реформи. Можам да посведочам дека на Европа и е доволно тешко да напредува во чувствителните прашања со 27 членки, а нема да биде полесно со 32 или 35“, рече Макрон на годишниот собир на француските амбасадори во Париз.
Ќе ни треба храброст да прифатиме поголема интеграција во некои области, а можеби дури и Европа со повеќе брзини, рече Макрон.
Францускиот претседател не прецизираше како би функционирала Европа со повеќе брзини, но додаде дека е неопходна ревизија на процедурите за блокот да остане „атрактивен“.
Според неколку француски функционери, владата на Макрон работи на неколку предлози за Европа со повеќе брзини, кои би вклучиле создавање неформални групи на земји-членки кои ќе работат на одредени области на политиката.
Макрон посочи и дека во следните месеци детално ќе ги претстави своите размислувања за проширувањето и реформите на ЕУ, пред изборите за ЕУ следната година.