Мајка во Франција минатата недела беше осудена на 18 месеци затвор затоа што не се грижела за своето 9-годишно дете, кое го оставила да живее само во стан во градот Нерсац две години (од 2020 до 2022 година).
Се чини дека момчето најмногу јадело колачи, конзерви и украдени домати. За тоа време мајката живеела со партнерот во друг стан, оддалечен пет километри и одвреме навреме го посетувала детето, пишува „Си-ен-ен“.
Градоначалничката на Нерсац Барбара Кутурие изјавила дека момчето често немало топла вода или греење. И покрај целата ситуација, тој продолжил да оди на училиште и бил добар ученик. Кутурие ја упатила полицијата откако мајката побарала од социјалните служби да и помогнат да купи храна.
„Ја запознав мајката на детето во мај 2022. Таа рече дека има финансиски проблеми. Ѝ дадовме четири бонови за храна, но таа земаше преработена храна, па се посомневав. Контактирав со станарите од зградата и некои од нив ми кажаа дека момчето всушност живее само. Поврзав што се случува и повикав полиција“, изјави Кутурие.
Од 19 септември 2022 година детето е во надлежност на социјалните служби.