Новозеландскиот пилот Филип Марк Мертенс, кој беше заробен од бунтовниците во шумите на Западна Папуа на 7 февруари 2023 година, им испрати на сопругата Марија и на синот Џејкоб потресна порака.
Блед, со брада, со нервозна насмевка им вели на своите најблиски „Тоа сум јас“, а потоа им испраќа неколку зборови на охрабрување.
„Љубов, јас сум. Добро сум, добро се однесуваат со мене. Се обидувам да останам позитивен и се надевам дека вие и Џејкоб сте здрави и добивате поддршка“, им рече тој.
„Ве сакам двајцата и многу ми недостигате и се надевам дека наскоро ќе можам да разговарам со вас“, додаде тој.
Мертенс работел за индонезиска авиокомпанија и бил киднапиран кога го приземјил својот едномоторен авион Суси Ер на оддалечена воздушна патека во планинската провинција Ндуга, која се наоѓа во западната индонезиска половина на Нова Гвинеја.
Во најновото видео вели дека е снимено на 22 декември 2023 година, а бунтовниците на Ослободителната војска на Западна Папуа чекале со недели пред да го споделат денес.
Пилотот понатаму објаснил дека се сретнал со командантот, веројатно мислејќи на Егианус Когоја, командант на бунтовничката армија која се бори против анексија на територијата од Индонезија.
Мертенс рече дека ќе разговара и со командантот за телефонски повик со неговото семејство. Не беше јасно дали овој телефонски повик некогаш бил остварен.
Во друго видео, Мертенс апелира до владата на Нов Зеланд да му помогне, и бара работи што би му го олесниле времето во заробеништво.
„Ве молам, можете да ми помогнете да добијам инхалатор или два само за да имам при рака во случај да заболам од астма и ако е можно, можам да добијам читач за е-книги со што е можно повеќе книги на англиски, тоа би значело многу за мене“ рече тој.
Индонезиските сили се обидоа да го ослободат Мертенс во април минатата година, а шестмина нивни војници загинаа при обидот.