Непознато лице се претставувало како британската научна новинарка Линда Гедес и нудело текстови на угледни научни списанија, користејќи ги нејзините претходно објавени трудови за измамата да изгледа поверодостојно. Случајот отвори прашања за тоа колку лесно може да се злоупотреби професионалниот идентитет на новинарите и како вештачката интелигенција може да ги олесни ваквите измами.
Гедес за британски „Гардијан“ опишала дека дознала за лажното претставување откако нејзина пријателка, уредничка во научното списание „Нејчер“, ја прашала дали им предлагала текстови на нејзините колеги. Новинарката го негирала тоа, а набргу открила дека некој го користи нејзиното име и адреса на е-пошта што не ѝ припаѓа.
Измамникот им испраќал предлози за текстови на уредниците, повикувајќи се на претходно објавени статии на Гедес. Еден текст под нејзино име бил објавен и во американскиот весник „Њујорк пост“, кој подоцна го отстранил написот и започнал внатрешна проверка. Случајот бил пријавен и до надлежните органи.
Траги до уште две новинарки
Истражувајќи го случајот, Гедес забележала можна поврзаност меѓу лицето што се претставувало како неа и лажен профил што го користел името на нејзината поранешна колешка Керолајн Вилијамс.
Според нејзините наводи, некој под името на Вилијамс успеал да објави текст во научното списание „Сајенс“ и за тоа да добие околу 1.000 долари. Истото списание претходно добило и неуспешен предлог за текст од лице што се претставувало како Гедес.
Новинарката открила можна врска и со трет случај, во кој било злоупотребено името на научната новинарка Сара Новак. Адресите за е-пошта поврзани со лажните профили, наводно, воделе до иста делумно скриена адреса за обновување на сметка.
Сепак, идентитетот на лицето или лицата што стојат зад овие случаи сè уште не е утврден. Не е познато ниту дали мотивот бил исклучиво финансиска корист, обезбедување објави за одредени клиенти или нешто друго.
Вештачката интелигенција ги отежнува проверките
Гедес навела дека некои од предлозите за текстови имале карактеристики на содржина создадена со помош на вештачка интелигенција. Технологијата може да го олесни создавањето уверливи пораки, биографии и текстови, но и да го отежне препознавањето на лажното претставување.
Според експерти за сајбер-безбедност во „Гугл“, криминалците сè почесто користат генеративна вештачка интелигенција за создавање уверливи биографии и деловна преписка. Истовремено, се развиваат алатки за клонирање гласови и менување видеоснимки во реално време.
Последиците не ги трпат само новинарите чии имиња се злоупотребени. Уредниците на научните списанија ризикуваат да објават неточни или измислени информации, вклучително и цитати од луѓе кои никогаш не биле интервјуирани.
Воедно, ваквите случаи може да ја намалат довербата на редакциите во новите соработници и да им ја отежнат работата на хонорарните новинари кои допрва градат професионална репутација.
По случајот со лажната авторка, во „Сајенс“ започнале да ги проверуваат предлозите и ракописите со помош на алатки за откривање содржина создадена со вештачка интелигенција, со напомена дека тие не се непогрешливи. Уредниците на „Нејчер“, пак, разгледуваат можност за дополнителни разговори со новите соработници за да го потврдат нивниот идентитет.
Експертите советуваат сомнителните контакти да се проверуваат преку веќе познати адреси за е-пошта или телефонски броеви, наместо да се потпираат само на еден начин на потврдување на идентитетот.
Гедес најавила дека ќе го пријави случајот во британската служба за пријавување измами и побарала од лицето што се претставува како неа да престане со таквото постапување.
И покрај трагите што поврзуваат неколку случаи, идентитетот на сторителот засега останува непознат.