Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска, коментирајќи ја можноста за испраќање француски воени инструктори во Украина, дека верува оти такви инструктори се веќе во земјата и дека тие се легитимна цел на руските вооружени сили.
„Што се однесува до француските инструктори, имам причина да верувам, бидејќи има многу конкретни факти, дека тие веќе работат во Украина и без разлика дали се членови на француските вооружени сили или едноставно платеници, тие претставуваат апсолутно легитимна цел за нашите вооружени сили“, рече Лавров на прес-конференцијата.
Францускиот претседател Емануел Макрон претходно изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина доколку Русија ги пробие првите линии на фронтот.
Според него, „многу земји“ се согласиле со планот на Франција да испрати војници. Како што напиша весникот „Монд“, Макрон сака да создаде европска коалиција за испраќање воени инструктори во Украина.