Лајчак: Јас и Ескобар се надевавме на подобар резултат од нашата мисија на Косово

lajcak
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, денеска на својот Фејсбук профил објави дека се надевал на подобар резултат од минатонеделната мисија на Косово со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

„Отпатувавме во регионот со цел да се справиме со тензичната ситуација во северно Косово на која сите бевме сведоци во текот на изминатата недела и да го истражиме потенцијалот за политичко решение. Во Косово се сретнавме со највисокото раководство, вклучително и претседателката Османи. Премиерот Курти и првиот вицепремиер Бислими. Дискусијата беше долга. Ја пренесовме нашата загриженост за ситуацијата на северот и ја истакнавме потребата од итна деескалација“, посочи Лајчак.



Тој потврди дека и ЕУ и САД побараа итна деескалација, предвремени избори со учество на косовските Срби и враќање на дијалогот за нормализација.

Според него, заедно со Ескобар бил воспоставен контакт со опозициските лидери на косовските Албанци, на кои им биле претставени последиците од актуелната криза и штетата што таа ја нанесува на меѓународниот углед на на Косово и апелираше до нив да ја поддржат потрагата по политичко решение.

„Јас и Ескобар се сретнавме и со претставници на Српската листа и граѓанското општество, со цел да го слушнеме нивното мислење и да им објасниме зошто е важно косовските Срби да учествуваат на новите избори. Од Приштина ја продолживме нашата мисија во Белград, каде имавме подеднакво долги, воопшто не лесни разговори со претседателот Вучиќ“, рече Лајчак.

Според неговите зборови, на претседателот на Србија, Александар Вучиќ му било кажано дека треба да придонесе за излез од актуелната криза.

„Се занимававме со сложената ситуација на Србите во Косово. Посебно нагласивме дека, иако сите граѓани имаат право на мирни протести, насилството никогаш не е прифатливо и не може да помине неказнето“, наведе Лајчак и додаде дека и покрај некои позитивни сигнали, тензиите продолжуваат да растат.

„Сега сум назад во Брисел за да ги информирам ЕУ и земјите-членки за моите наоди и следни чекори. Продолжуваме со нашите напори да овозможиме и поддржиме одржливо политичко решение“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK