Полицијата во Хонг Конг ги истражува наводите за измама против платформата за тргување со криптовалути JPEX, откако инвеститорите се пожалија на загуби од 166 милиони долари.
Оваа недела 11 лица, меѓу кои и популарни инфлуенсери, беа уапсени откако 2.000 луѓе поднеле жалби.
Случајот би можел да биде еден од најголемите случаи на измама во Хонг Конг, наведуваат локалните медиуми, а пренесува Би-би-си. Тоа може да биде и тест за новите финансиски регулативи бидејќи Хонг Конг се позиционира како глобален центар за виртуелни средства.
Минатата недела, Комисијата за хартии од вредност на Хонг Конг откри дека JPEX со седиште во Дубаи работи без лиценца за тргување со виртуелни средства.
JPEX рече дека се обидува да ја усогласи работата со локалниот закон што стапи на сила во јуни оваа година, но Комисијата ја отфрли таа реторика. Многу од подносителите се неискусни инвеститори на кои им ветиле високи приноси, соопшти полицијата.
Некои операции за тргување со криптовалути на JPEX се затворени по апсењата, а градските власти се чини дека го блокирале пристапот до интернет. Платформата вели дека работи на решавање на недостигот на ликвидност бидејќи некои корисници се пожалија дека не можат да ги повлечат своите средства.
Главниот извршен директор во Хонг Конг, Џон Ли, рече дека регулаторите „внимателно ќе ја следат ситуацијата и ќе обезбедат дека инвеститорите се доволно заштитени“.
„Овој инцидент ја нагласува важноста дека кога инвеститорите сакаат да инвестираат во виртуелни средства, тие мора да инвестираат во платформи кои се лиценцирани“, им рече тој на новинарите.