Ситуацијата со пучот во Нигер сè уште е нејасна и неговите учесници сè уште имаат време да ги послушаат повиците на меѓународната заедница и да го вратат легитимниот претседател на земјата на власт, изјави денеска шефицата на француската дипломатија Катрин Колона.
Таа го придружува францускиот претседател Емануел Макрон на неговата посета на Папуа Нова Гвинеја.
– Ако ме слушнавте како зборувам за обид за државен удар, тоа е затоа што мислиме дека ситуацијата сè уште не е разрешена, посочи Колона.
Таа додаде дека Макрон денеска телефонски разговарал со претседателот Базум, кој е во добра здравствена состојба.
Колона побара ослободување на Базум, што е предуслов за враќање на уставниот поредок во Нигер.
Базум е под вооружена стража во претседателската палата во главниот град Ниамеј.
Во соопштението на армијата потпишано од началникот на Генералштабот на вооружените сили на Нигер се наведува дека ја поддржува војската која го блокирала претседателот и дека целта е да се спречи дестабилизација на Нигер.