Кина планира да ги заостри и приспособи прописите за заштита на интелектуалната сопственост поврзани со вештачката интелигенција и алгоритмите, како дел од новиот петгодишен план за периодот од 2026 до 2030 година.
Планот предвидува подобрување на правилата за заштита на авторските права за содржини создадени со помош на вештачка интелигенција, како и за нови технологии и области, меѓу кои големи бази на податоци и услуги за управување со податоци и изнајмување компјутерски капацитети.
Пекинг планира да ја засили и заштитата на авторските права за интернет-издаваштвото, аудиовизуелните содржини и книжевните и уметничките дела објавени на интернет. Потребата за подобра заштита се зголемува со сè поголемото присуство на кинеските дигитални содржини на светскиот пазар, наведува Синхуа.
Кина планира и воспоставување база на податоци за прекугранични спорови поврзани со интелектуалната сопственост, како и засилување на соработката со Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) и други меѓународни институции.
Целта на Пекинг е до 2030 година Кина да се вброи меѓу водечките земји во светот во областа на интелектуалната сопственост, а до 2035 година и меѓу најконкурентните. Уделот на секторите поврзани со авторските права во кинескиот БДП треба да достигне 7,53 отсто.