Киев: Убивме најмногу руски војници за еден ден; Русите: Ние уште повеќе Украинци

Германски-генерал-Обучивме-околу-осум-илјади-украински-војници.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Русија претрпе рекордни загуби во мај и забележа најголема дневна загуба на персонал од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, според Киев. Руските сили изгубија 38.940 борци во Украина минатиот месец, соопшти во саботата украинското Министерство за одбрана.


Украинската армија редовно известува за дневни руски загуби. Во средината на мај, киевските трупи изјавија дека Москва изгубила 1.740 војници за еден ден, што е најголем број дневни руски жртви од почетокот на сеопфатната војна. Треба да се напомене дека не е многу лесно да се одреди вистинскиот размер на жртви на бојното поле. Затоа аналитичарите повикуваат на претпазливост во однос на бројките што ги презентираат Русија и Украина, пишува „Њузвик“.

Иако западните експерти често проценуваат дека руските загуби на фронтот се помали од бројките наведени од Украина, британското Министерство за одбрана во петокот соопшти дека Москва најверојатно има повеќе од 500.000 борци ранети или убиени од почетокот на 2022 година. Во текот на мај Русија изгуби повеќе од 1.200 војници дневно, што е најмногу од почетокот на инвазијата, објави британската влада.

„Руските загуби најверојатно произлегуваат од континуираните напади на украинските позиции долж линијата на фронтот, без соодветна обука на војниците“, соопшти британското Министерство за одбрана. Москва започна офанзива против североисточниот регион на Украина Харков минатиот месец, отворајќи нов фронт. Во исто време, интензивните борби продолжуваат во источниот регион на Доњецк.

Украинската војска во саботата објави дека Русија извршува тешки напади западно и северозападно од градот Доњецк што е под руска контрола и дека активноста се интензивирала уште на север, кон Харков. Истиот ден Киев објави дека Русија претрпела 1.130 жртви во претходните 24 часа, со што вкупниот број на загинати руски војници, според Украина, достигна 508.780.

Москва последен пат пријави жртви во септември 2022 година, кога поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека биле убиени нешто помалку од 6.000 руски војници. Руската Би-Би-Си и руската независна медиумска група Медијазона минатиот месец потврдија дека меѓу февруари 2022 година и 22 мај 2024 година, најмалку 54.185 руски војници ги загубиле животите.

Украина, исто така, претрпе големи загуби и ретко дава ажурирања за бројот на жртви од нејзина страна. Украинскиот претседател Володимир Зеленски на крајот на февруари изјави дека во текот на двете години од војната биле убиени 31.000 украински војници. Од друга страна, Русија наведува дека бројот на загинатите украински сили е многу поголем и дека Киев само во 2023 година загубил 215.000 борци.

Во саботата Русија објави дека во изминатиот ден биле убиени 1.845 украински војници.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK