Од почетокот на инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година, руската војска изгубила околу 1.360.110 војници, вклучувајќи и 1.160 жртви во изминатите 24 часа, објави утрово Генералштабот на вооружените сили на Украина, пренесува „Киев Индепендент“.
Според украинскиот извештај, руските сили претрпеле и огромни загуби во воена техника. Досега се уништени речиси 12.000 тенкови, повеќе од 24.600 оклопни борбени возила, речиси 43.000 артилериски системи и околу 100.000 возила и цистерни. Воениот биланс на Москва вклучува и загуба на 436 авиони, 353 хеликоптери, над 314.000 беспилотни летала, како и 33 воени бродови и две подморници.
Додека Киев одбива да ги објави сопствените загуби поради оперативна тајност, проценките на западните независни институти покажуваат дека руските жртви се значително поголеми. Според вашингтонскиот Центар за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС), соодносот на руските и украинските жртви изнесува меѓу 2:1 и 2,5:1. Истиот извор проценува дека Украина, од почетокот на војната до декември минатата година, претрпела помеѓу 500.000 и 600.000 вкупни жртви (загинати и ранети), од кои меѓу 100.000 и 140.000 војници се сметаат за загинати во борбените дејствија.
Фото: Depositphotos