Глобалното затоплување е „закана за човештвото“ што бара нов вид соработка меѓу Кина и САД и покрај нивните разлики, рече денеска во Пекинг американскиот пратеник за климата Џон Кери, кој во неделата пристигна во Кина и се сретна со првиот кинески дипломат Ванг Ји по неколкумесечно заладување на дипломатските односи.
Тој повика на „итна акција“ за прашањето за климата меѓу Кина и САД, двете земји одговорни за најголемите емисии на стакленички гасови.
– Ние (Американците) се надеваме дека оваа средба ќе означи почеток на нова соработка за климатските прашања и способност да ги решиме нашите разлики, нагласи Џон Кери.
Ванг Ји рече дека соработката за климатските промени напредува меѓу Кина и САД и оти е „потребна заедничка поддршка на луѓето од двете земји“.
– Потребни ни се здрави, стабилни и трајни односи меѓу Кина и САД, рече кинескиот дипломат.
Кина минатата година ги прекина разговорите за климата со САД како одговор на посетата на тогашната претседателка на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси на Тајван.