Каталонскиот претседател во заминување денеска изјави дека ќе се повлече од политиката откако неговата сепаратистичка партија постигна катастрофален резултат на регионалните избори на кои шпанските социјалисти му нанесоа тежок удар на каталонското движење за независност.
Каталонската републиканска левица (ERC) на претседателот Пере Арагонес останува главната надеж за социјалистите, кои на вчерашните избори освоија најмногу гласови, но не доволно за мнозинство, да формираат влада во богатата покраина во североисточна Шпанија.
Арагонес, кој ја водеше Каталонија три години, рече дека неговата партија нема да ги поддржи социјалистите, на кои им порача да се свртат кон тврдокорната сепаратистичка партија Junts per Catalunya (Заедно за Каталонија).
„Каталонската републиканска левица ќе остане во опозиција каде што не сместија граѓаните“, рече тој пред новинарите.
Социјалистите, предводени во Каталонија од Салвадор Ила, освоија 42 места во 135-члениот каталонски парламент по преброени повеќе од 99 отсто од гласовите, а нивниот вообичаен коалициски партнер, крајно левичарската партија Сумар, освои шест. Јунтс има 35 мандати, а Каталонската републиканска левица 20.
За да можат да формираат влада, партиите треба да имаат 68 пратенички места. Високиот функционер на Социјалистичката партија Нурија Парлон им рече на новинарите дека претпочитаат левичарски договор со Каталонската републиканска левица и Сумара или, алтернативно, малцинска влада поддржана од други партии.
Каталонската републиканска левица владееше за време на периодот на намалување на тензиите со шпанската социјалистичка влада по турбулентни години откако Каталонија одржа нелегален референдум за независност во 2017 година и накратко прогласи независност, што доведе до уставна криза.