Калас: Вашингтон ќе изврши притисок врз Киев да направи отстапки кон Москва


11590387.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Средбата на специјалниот пратеник на американскиот претседател Стив Виткоф со рускиот претседател Владимир Путин би можела да означи почеток на нова фаза во пристапот на Вашингтон кон украинската криза, а според проценките од Брисел, таа би можела да доведе и до притисок врз Киев да направи отстапки кон Москва.


Како што објави Гардијан, шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, изрази загриженост дека претстојните дипломатски контакти би можеле да бидат насочени кон „убедување на жртвата“ да попушти.

„Се плашам дека целиот притисок ќе биде насочен кон жртвата, што значи дека Украина ќе мора да направи отстапки и да преземе обврски“, предупреди Калас, оценувајќи дека таквото сценарио би можело да ја ослабне позицијата на Киев во долгорочниот конфликт.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврди дека Виткоф ќе се сретне со Путин во вторник, 2 декември, попладне. Тој додаде дека рускиот претседател ќе има неколку приватни консултации во текот на денот како дел од подготовките за претстојните руско-американски контакти.

Средбата доаѓа веднаш откако САД и Украина одржаа разговори во Флорида за време на викендот. Украинската делегација ја предводеше поранешниот министер за одбрана Рустем Умеров, кој го наследи Андриј Јермак на чело на претседателската администрација по големиот корупциски скандал.

Според руските медиуми, на состаноците во Флорида биле разгледани клучни прашања за идната стратегија, очекувањата од Вашингтон и Киев, како и можните модели за понатамошниот процес на преговори. Нивните извештаи укажуваат дека пристапите на двете страни се промениле до одреден степен, што дополнително ја зајакнува важноста на мисијата на Виткоф во Москва.

Пред продолжувањето на дипломатските контакти, останува прашањето дали Вашингтон ќе инсистира на забрзано барање компромис или, како што предупредуваат некои европски претставници, ќе се обиде да го префрли товарот на отстапките врз Киев.

Фото: ЕПА

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK