Фудбалерите на Расинг Сантандер продолжуваат да импресионираат оваа сезона. Новајлијата во елитните редови на шпанскиот фудбал оствари нова победа, откако го победи Леванте со 3:1 како гостин во 14-то коло од Примера.
Херои на триумфот беа резервистот Пабло Гарсија и незапирливиот Јасир Забири, кој продолжува да блеска во дресот на тимот од Сантандер. Мароканскиот напаѓач го постигна својот 12-ти гол оваа сезона и уште еднаш потврди дека е во фантастична голгетерска форма.
Сепак, не започна сè идеално за гостите. Леванте замина на полувреме со предност, бидејќи Иван Ромеро ја затресе мрежата на Агирезабала во 42-та минута и им донесе водство на домаќините од 1:0.
Потоа следуваше целосен пресврт на Расинг, а првиот чекор кон него го направи резервистот Пабло Гарсија. Во 66-та минута, тој се проби низ десната страна од шеснаесетникот, а потоа со силен удар го совлада противничкиот голман и го израмни резултатот.
Потоа на сцена стапи Забири, кој постигна уште еден гол во 81-та минута и му донесе целосен пресврт на Расинг. Кога се чинеше дека прашањето за победникот е решено, Гарсија стави крај на одличната игра на гостите со вториот гол во натпреварот во петтата минута од судиското продолжение.
Foto/ EPA