Американската министерка за финансии Џенет Јелен ја започна својата четиридневна посета на Кина со повик до властите во земјата да се вратат на патот на пазарните реформи, истовремено предупредувајќи дека САД и нивните партнери ќе преземат мерки против таканаречените „нефер трговски практики“ што ги користи Кина, објавија странските агенции.
Јелен зборуваше за време на состанокот со претставници на американските компании кои работат во Кина и по утринскиот состанок со Лиу Хе, близок соработник на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој неодамна ја постави насоката за економскиот развој на Кина. Јелен денеска ќе се сретне и со премиерот Ли Кианг.
Американската министерка за финансии изјави дека дошла во Кина за да ја продлабочи работата за постигнување „стабилни и конструктивни односи“ меѓу двете земји, но јасно стави до знаење дека Вашингтон ќе продолжи да ги штити своите национални интереси и човекови права.
Таа посочи дека САД не бараат „целосно одвојување на двете економии“, но истовремено изрази загриженост за проширување на субвенциите за државните претпријатија и за воведување бариери за странските компании во земјата.
Јелен, исто така, ја изрази загриженоста на САД за неодамна објавените мерки на Кина за ограничување на извозот на галиум и германиум, кои се важни за производството на полупроводници.
џенет јелен во кина (епа)
Таа притоа ја повика Кина да се врати на патот на пазарно ориентирани практики, благодарение на кои постигна силен економски раст во претходните години.
„Враќањето на пазарните реформи е во интерес на Кина. Пазарниот пристап ја отвори вратата за брзиот раст на Кина и помогна милиони луѓе да се извлечат од сиромаштијата. Тоа е извонредна економска успешна приказна“, рече Јелен.
Таа посочи дека растечката средна класа во Кина е важен пазар за американските стоки и услуги и додаде дека мерките што Вашингтон ги презема против Пекинг се во име на заштита на националниот интерес.
„Ние бараме диверзификација, а не раздвојување. Одвојувањето на двете најголеми економии во светот ќе има само дестабилизирачки ефект, а тоа е практично невозможно“, заклучи Јелен.