Денеска израелската армија одржа прес-конференција на која говореше портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), контраадмирал Даниел Хагари.
Утрово, ИДФ соопшти дека убила „десетици“ милитанти на Хамас во текот на ноќта. Хагари вели дека силите „постепено напредуваат“ во Газа како дел од копнената операција и дека имало „директен контакт“ со борците на Хамас.
Исто така, се предупредува дека активностите ќе „ескалираат“, а израелските сили се ставени во „висока готовност“ долж северната граница.
„Нашите активности и операции ќе продолжат и ќе ескалираат според фазите на војната“, рече тој, а потоа додаде: „Ова е проширена копнена операција во Појасот Газа. Копнените сили, тенковите, пешадиските сили, силите на оклопниот кор се движат кон терористите“, рече тој.
„Терористите се групираа во одредени области за да се обидат да ги таргетираат нашите сили, а ние ги напаѓаме од воздух, така успеавме да нападнеме и да убиеме 20 терористи. Има и директен контакт меѓу копнените сили и терористите. Борбите се водат во појасот Газа“, рече тој.