Израел бомбардираше цели во Газа откако Соединетите Држави го блокираа вонредниот прекин на огнот на ОН во војната со Хамас, што предизвика предупредувања за „апокалиптична“ хуманитарна ситуација.
Хуманитарните работници велат дека хуманитарниот систем во Газа е на работ на колапс, бидејќи се закануваат болести и глад.
Ветото на Вашингтон беше брзо осудено од палестинските власти и Хамас, чие Министерство за здравство објави дека последниот биланс на загинати во Газа е 17.490, главно жени и деца.
Во израелски напад врз јужниот град Кан Јунис загинаа шест лица, додека пет беа убиени во одделен напад во Рафах, соопшти Министерството во саботата.
Се додава дека во период од 24 часа загинале 71 лице, а 160 се ранети по упорното бомбардирање во болницата Ал Акса во градот Деир ал Балах.
Повторени рафали на автоматско оружје се слушнаа во саботата во северниот дел на Газа, на снимката во живо емитувана од АФПТВ.
Бригадите Езедин ал Касам, вооруженото крило на Хамас, во саботата соопштија дека истрелале ракети кон Реим во јужен Израел, каде вооружени лица на Хамас убија 364 луѓе на музички фестивал на 7 октомври.
Израел вети дека ќе го искорени Хамас по неговите невидени напади тој ден, кога милитантите ја пробија милитаризираната граница на Газа за да убијат околу 1.200 луѓе и да земат заложници, од кои 138 остануваат заробени, соопшти Израел.
Огромните области на Газа се претворени во урнатини, а ОН велат дека околу 80 отсто од населението е раселено, со сериозен недостиг на храна, гориво, вода и лекови.