Израел бара средба со САД во врска со планираниот напад на Рафах

bajden-netanjahu.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Израел побара нов датум за средба со американски официјални лица за да разговараат за воените планови на Израел во Рафах во јужниот дел на Газа, изјави американски официјален претставник, неколку дена откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ненадејно ги откажа планираните разговори.


Нетанјаху ја откажа планираната посета на висока израелска делегација на Вашингтон, откако САД дозволија гласање за резолуцијата за прекин на огнот во Газа во понеделникот во Обединетите нации, во потег што се чинеше дека ја одразува растечката фрустрација на Америка со израелскиот премиер.

Американските власти рекоа дека администрацијата на Бајден била изненадена од откажувањето на Израел, сметајќи дека чинот е претерана реакција на резолуцијата на Советот за безбедност, а инсистирајќи на тоа дека нема промена во политиката.

Денес, американски официјален претставник изјави дека канцеларијата на Нетанјаху „објавила дека сакаат да договорат нов датум за состанокот посветен на Рафах. Сега работиме со нив за да се договориме за соодветен датум“.

Нетанјаху размислува да испрати делегација на состанок во Белата куќа за прашањето на Рафах веќе следната недела, но се уште се работи на конкретен датум, изјави израелски претставник во Вашингтон.

Засега нема коментар од кабинетот на израелскиот премиер.

Планираните разговори се очекува да се фокусираат на офанзивата на Израел во Рафах, последното безбедно засолниште за палестинските цивили во Газа.

Белата куќа минатата недела соопшти дека планира со израелските власти да сподели алтернативи за елиминирање на палестинската милитантна група Хамас без копнена офанзива врз Рафах, за која Вашингтон вели дека ќе биде „катастрофална“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK