Партијата на поранешниот пакистански премиер Наваз Шариф има мала предност на општите избори, покажаа првичните резултати објавени утринава, по одложувањето на броењето на гласовите што владата го припишува на исклучувањето на мобилните интернет услуги.
Изборната комисија на Пакистан ги објави резултатите за 47 од 265 места во Националното собрание, при што 17 места ќе добијат Пакистанската муслиманска лига на Шариф и 14 на приврзаниците на затворениот поранешен премиер Имран Кан.
Пакистанската народна партија на Билавал Буто Зардари, син на убиената премиерка Беназир Буто, освои 12 пратенички места. Остатокот отиде кај помалите партии или независни кандидати.
Бидејќи Кан е во затвор, а неговата партија Тахрик-е-Инсаф не може да учествува на изборите, неговите поддржувачи се кандидираа како независни.
Пред изборите, аналитичарите предвидуваа дека изборите нема да дадат јасен победник, што само ќе ги зголеми неволјите во земјата, која е погодена од милитантното насилство и длабоката економска криза во високополаризирано политичко опкружување.
Главната битка на овие избори се очекува да биде меѓу кандидатите на Кан, чија партија победи на последните избори, и партијата на трикратниот премиер Наваз Шариф.
Кан смета дека моќната пакистанска армија стои зад прогонот на неговата партија со цел нејзино целосно уништување. Аналитичарите и ривалите на Сахариф се убедени дека Шариф има поддршка од генералите.
Во 76-те години од постоењето на Пакистан како независна држава, војската директно или индиректно доминираше со оваа нуклеарна сила, но веќе неколку години тврдеше дека не се меша во политиката.