Кина неодамна протера неколку стотици бегалци назад во Северна Кореја. Меѓу нив беше и Ким Чеол-ок. Во Северна Кореја и се заканува тортура. Нејзината постара сестра Ким Кју-ли, која сега живее во Лондон, се плаши дека никогаш повеќе нема да ја види. Таа не знае што се случува со нејзината помлада сестра Ким Чеол-ок уште од октомври. Верува дека ја мачат што им се случило и на многу членови од нивното семејство.
Уапсените се малтретирани, а освен тоа добиваат многу малку храна, вели таа поради што јадат глувци и бубашваби и се разболуваат. Ким Кју-ли многу се плаши дека нејзината сестра нема да преживее таква тортура.
Бегството од земјата се смета за сериозен прекршок во Северна Кореја, на чие чело е диктаторот Ким Џонг-ун, што се санкционира со ригорозни казни. Луѓето кои ја напуштаат земјата без дозвола се сметаат за предавници во Северна Кореја. Тие завршуваат зад решетки. Според Обединетите нации (ОН), злоупотребата и тортурата се секојдневна појава во севернокорејските затвори и казнени логори.
На 9 октомври беше извршена масовна депортација на околу 500 Севернокорејци кои живееја во Кина и беа насилно вратени во својата татковина, потврдува Итан Хи-Сеок Шин од работната група за транзициона правда. Тие беа вратени во Северна Кореја со автобуси и камиони од кинеските затвори под строги безбедносни мерки. И тоа преку пет гранични премини, кои беа документирани на мапа од гореспоменатата организација за заштита на човековите права со седиште во Јужна Кореја.
Предавањето на приведените се случи главно на мостовите лоцирани на реките Тумен и Јалу, покрај заедничката граница. Малку се знае за деталите, но еден детал откри Јо Сујеон од организацијата за човекови права Korea Future, која со години снима интервјуа со дезертери од Северна Кореја. „На средината на мостот беа симнати кинеските лисици и им беа ставени севернокорејски лисици. А тие се „рѓосани“ во споредба со кинеските.
За време на пандемијата на коронавирус, режимот во Пјонгјанг ригорозно ги затвори границите на земјата три и пол години. По повторното отворање во летото 2023 година, Северна Кореја и Кина, наводно, се согласиле Кинезите да депортираат повеќе луѓе од Северна Кореја.
Главен приоритет беа оние луѓе кои претходно тесно соработуваа со режимот на Ким Џонг-ун. На пример, дипломати кои сакале да избегаат или хакери кои биле вклучени во сајбер операции во Кина по налог на режимот.
Дури и пред почетокот на масовните депортации во август 2023 година, Обединетите нации писмено апелираа до Кина да не ги депортира луѓето од Северна Кореја. „Се плашиме дека поради ова тие се изложени на ризик од сериозни прекршувања на човековите права, како што се ненадејни и неразумни апсења, тортура, ненадејно исчезнување или вонсудски егзекуции“, се вели во писмото испратено до Кина од Комисијата за човекови права на ОН на 18 јули.
Околу два месеци подоцна, владата во Пекинг испрати одговор до ОН. Во него се тврди дека „во моментов нема докази за тортура или таканаречено „масовно кршење на човековите права“ во Северна Кореја“. Се додава дека Севернокорејците се илегални економски мигранти, а не бегалци и затоа за нив не важи посебната заштита заснована на Женевската конвенција за бегалци, тврди Кина.