Италијанскиот министер за одбрана Гидо Крозето повика на поголеми дипломатски напори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина и покрај предупредувањата од Киев дека Москва нема намера да го прави тоа.
Крозето на вчерашното парламентарно сослушување рече дека Италија ќе бара стратегија во две правци за воена поддршка на Киев, која ќе биде поврзана со договор со преговори. Во превод, Италија би можела да ја условува воената помош со почеток на преговорите меѓу Русија и Украина.
„Мораме да бидеме реални и не можеме да ја игнорираме воената ситуација на теренот“, рече Крозето.
„Се чини дека дојде време за ефективни дипломатски дејствија“, додаде тој.
Италија долго време се сметаше за мост меѓу Русија и Западна Европа, со оглед на силните односи на италијанската комунистичка партија со Советскиот Сојуз за време на Студената војна, пишува Фајненшл тајмс.
Кога Москва ја започна својата инвазија на Украина во 2022 година, многумина стравуваа дека Рим може да се покаже како слаба алка, особено по неочекуваниот пад на владата на поранешниот премиер Марио Драги. Но, Џорџија Мелони, десничарската премиерка која го наследи Драги, остро ја осуди руската агресија и го поддржа Володимир Зеленски, претседателот на Украина.
Крозето инсистираше на тоа дека неговиот повик за дипломатија не го одразува слабеењето на поддршката на Рим за Киев или неговата решеност да постигне „праведен мир“ и предупреди дека напуштањето на Украина ќе има големи последици за европската безбедност.
Сепак, тој изрази загриженост за „реалната способност на Украина да им се спротивстави на руските сили“. „За жал, летната контраофанзива на Украина не ги даде посакуваните резултати“, рече тој, предупредувајќи дека 2024 година ќе биде „критична година“ за иднината на Украина.
„Имаме два пата: оној на помагање без „ако и но“ и оној на обидот да изградиме дипломатски пат што нè носи до крајот на конфликтот“, рече тој.