Италија одби да учествува во американските и британските напади врз Хутите во Јемен, изјави владин извор, објаснувајќи дека Рим претпочита политика на смирување во Црвеното Море.
Изворот, кој не сакаше да биде именуван поради чувствителноста на ова прашање, исто така рече дека на владата ќе и треба парламентарна поддршка за да учествува во каква било воена акција.
Соединетите држави и Велика Британија погодија повеќе цели во Јемен од воздух и од море, додека Холандија, Австралија, Канада и Бахреин обезбедија логистичка и разузнавачка поддршка, соопштија американските власти.
Ноќните напади се одговор на повторените напади на Хуту врз бродови во Црвеното Море – еден од најпрометните трговски патишта во светот.
Хутите поддржани од Иран објавија во декември 2023 година дека ќе ги таргетираат сите бродови што пловат за Израел, без разлика на знамето, и ги предупредија сите меѓународни бродски компании да не прават бизнис со израелските пристаништа.
„Доколку Газа не ја добие потребната храна и лекови, сите бродови во Црвеното Море кои патуваат до израелските пристаништа, без разлика на нивната националност, ќе бидат цел на нашите вооружени сили“, рече портпаролот на групата.
Претходно оваа недела, италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето изјави за Ројтерс дека нападите на Хутите мора да бидат запрени без да предизвикаат нова војна во регионот.
Соединетите Држави и другите земји ја почнаа операцијата „Проспирити гардијан“ минатиот месец за да ги заштитат цивилните бродови во прометното Црвено Море.