Австралиската полиција работи со меѓународни колеги за да лоцира маж за кој веруваат дека избегал од земјата откако истурил врело кафе врз бебе во Бризбејн.
Бизарниот напад, ја шокираше нацијата, а остави деветмесечно момче со сериозни изгореници на лицето и екстремитетите. Полицијата распиша потерница по 33-годишен маж кој се бара за сторено дело со намера за нанесување тешка телесна повреда, за кое е предвидена доживотна казна затвор.
Меѓутоа, денес тие рекоа дека главниот осомничен заминал од аеродромот во Сиднеј шест дена по инцидентот и само 12 часа пред да успеат да го потврдат неговиот идентитет.
Деветмесечното момче на 31 август било на пикник со семејството во приградски парк, кога очевидци рекоа дека се приближил „чуден човек“, кој му истурил шише со врело кафе на детето пред да побегне.
На бебето веднаш му била укажана прва помош. Медицинска сестра која не била на должност го однела во нејзиниот близок стан за да му ги санира изгорениците со ладна вода. Сепак, детето се здобило со драматични повреди за кои веќе биле потребни повеќе операции, а неговите родители велат дека му претстои повеќегодишен пат до закрепнување.
Мотивот за инцидентот сè уште не е познат, изјави за медиумите детективот Пол Далтон, опишувајќи го случајот како еден од „најкомплексните и најфрустрирачките“ со кои се занимавал.
Тој потврди дека полицијата ја знае земјата во која побегнал осомничениот, како и неговото име, но рече дека откривањето на информациите во овој момент може да ја загрози нивната истрага.
Човекот е „работник“ кој патувал во Австралија повеќе пати од 2019 година и имал адреси во Нов Јужен Велс и Викторија, соопшти полицијата. Детективот рече дека осомничениот знаел за „полициската методологија“ и „спровел контранадзорни активности“ за да ги избегне.
Родителите на бебето денеска за медиумите изјавија дека биле „скршени“ кога дознале дека осомничениот ја напуштил државата, но и дека им олеснало што заминал.
„Изгледа дека беа многу, многу блиску да го добијат, а тоа очигледно значи дека ќе треба да чекаме којзнае колку долго за да ја добиеме правдата за нашиот син“, изјави неговата мајка за Австралиската јавна телевизија.
Момчето е „во добро расположение“, додаде неговиот татко, но можеби ќе треба дополнителни операции за пресадување на кожата. Досега се собрани повеќе од 150.000 австралиски долари (100.000 американски долари) на страницата за групно финансирање „GoFundMe“.