Иран го предупреди Израел дека сите страни во регионот се подготвени да дејствуваат доколку Израел не ја прекине својата агресија врз Палестинците, објави во неделата полуофицијалната новинска агенција Фарс.
„Ако ционистичката агресија не престане, (мора да се знае) дека прстите на сите страни во регионот се на чкрапалото“, рече министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан.
„Одговорноста за можното отворање на нови фронтови на отпорот во регионот и каква било ескалација на денешната војна е директна одговорност на САД и ционистичкиот режим (Израел), рече Амирабдолахиан.
Во саботата, Амирабдолахиан се состана со лидерот на Хамас Исмаил Ханије во Катар каде што разговараа за смртоносниот напад на Хамас врз Израел „и се согласија да продолжат со соработката“ за да се постигнат целите на групата, се вели во соопштението на Хамас.
Иранскиот претседател Ебрахим Раиси претходно во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон ја повика Франција да „помогне да се спречи угнетувањето на Палестинците“.