Иран преку криминални мрежи организирал напади врз синагоги и американски цели во Европа, тврдат американски обвинители


britanska-policija-depositphotos_835060672_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ирански оперативци користеле криминални групи и малолетници за напади врз еврејски објекти и американски цели во Европа, тврдат американските обвинители во обвинението поднесено во Њујорк. Документот открива детали за наводна кампања на насилство што, според истражителите, имала цел да изврши притисок врз противниците на Техеран за време на војната меѓу САД, Израел и Иран.


Еден од нападите се случил во април, кога 17-годишник во Лондон запалилина синагога, додека преку видеоповик добивал инструкции од Мохамед Али ал-Хасани, Ирачанец обвинет од американските власти. „Запалете ја како новогодишна елка“, му рекол тој на тинејџерот, кој се прекачил преку ѕид и фрлил запалива направа низ скршен прозорец.

Според американските истражители, ова бил само еден од повеќе напади организирани преку мрежа поврзана со Иран. Во Британија биле изведени седум напади, а меѓу целите биле синагоги, еврејски институции и објекти поврзани со САД.

Според обвинението, само неколку дена по почетокот на војната, ал-Саади и најмалку двајца соработници почнале да планираат напади во Европа. Меѓу нив бил и Мохсен Мохаџери, ирански државјанин и припадник на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Тие разговарале за набавка на беспилотни летала и ракети преку контакти во Иран, а истовремено проучувале и карта на Лондон.

Американските обвинители тврдат дека тројцата биле дел од мрежа поврзана со ИРГЦ и ирачката вооружена група Катаиб Хезболах. Ал-Саади, кој бил уапсен во мај и се наоѓа во притвор во Бруклин, наводно продолжил да координира активности и од затвор, користејќи шифрирани пораки преку членови на семејството. Ал-Хасани и Мохаџери не се во американски притвор.

Седум напади во Британија

Според обвинителите, во Британија биле извршени седум напади, повеќе отколку во која било друга земја. На почетокот на април, додека ја разгледувале картата на Лондон, Мохаџери му рекол на ал-Хасани дека треба да се фокусираат на британската престолнина.

На 15 април, ал-Хасани наводно преку видеоповик му давал инструкции на маскиран напаѓач кој се обидувал да подметне пожар во синагога во лондонската населба Финчли. Два дена подоцна, тројцата преку видеоповик следеле напад врз просториите на еврејска хуманитарна организација.

Групата дејствувала под името ХАЈИ и презела одговорност за најмалку шест напади во Лондон и околината. Меѓу нив е и палењето на четири амбулантни возила на еврејска волонтерска служба во Голдерс Грин, населба со голема еврејска заедница.

Во нападот врз синагогата немало повредени, а материјалната штета била мала. Тинејџерот подоцна ја признал вината, но изјавил дека не знаел дека целта е синагога и дека не мрази Евреи.

Според обвинението, мрежата презела одговорност за околу 18 извршени или планирани напади низ Европа и САД. Ал-Саади е поврзан и со експлозии во филијали на американски банки во Амстердам и Париз.

Планирале напад врз британска воена база

По апсењето на ал-Саади, ал-Хасани наводно продолжил да организира напади од Иран. Во текот на летото, преку соработници во Британија подготвувал напад врз воздухопловната база РАФ Ферфорд, која ја користат американски бомбардери.

Според обвинителите, најмалку петмина мажи набавиле комбиња и буриња со гориво, истражувале запаливи хемикалии и метални предмети што можеле да послужат како шрапнели. На возилата им поставиле специјално изработени налепници за да изгледаат како комбиња на компании за достава на гориво и опрема за базени.

На 26 септември, ал-Хасани наводно им наредил да тргнат кон воената база, а со нив комуницирал и за време на патувањето. Најмалку две комбиња наишле на полициска блокада. Во раните утрински часови на 27 септември, британската полиција уапсила петмина мажи и запленила три комбиња. Напаѓачите не успеале да влезат во базата.

Американски авиони преместени од Британија

Обидот за напад предизвикал загриженост за безбедноста на американските воени капацитети во Европа. Во текот на оваа недела, околу десет американски воени авиони биле преместени од базата РАФ Милденхол во Англија во други европски бази, меѓу кои и во Германија.

Тројца американски претставници потврдиле дека одлуката била донесена по разузнавачки предупредувања за можен ирански напад со беспилотни летала. Милденхол, која се наоѓа на околу 110 километри североисточно од Лондон, е една од главните американски воздухопловни бази во Европа.

Предупредувањето не содржело многу детали, но воените команданти сепак презеле мерки на претпазливост. Иранскиот советник за национална безбедност Мохсен Резаи оваа недела се заканил со напади врз американските бази во Европа доколку тие се користат за операции против Иран.

Американските обвинители тврдат дека случајот открива како мрежи поврзани со Иран користеле локални криминалци за напади врз цивилни цели и воени објекти, без директно да предизвикаат голем воен одговор. Иранските власти не се наведени како обвинети во овој судски предмет, а наводите против тројцата осомничени допрва треба да бидат докажани на суд.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK