Иран не планира да одговори на израелскиот напад врз воздухопловната база во централен Иран, изјави денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи.
„Инцидентот беше диверзантски маневар и не вреди да се спомене“, рече портпаролот на министерството Насер Канани, пренесе државната новинска агенција ИРНА.
Акцијата беше толку безначајна што самите Израелци не сакаа да преземат одговорност за неа, рече портпаролот. Канани додаде дека Иран не сака ескалација на тензиите во регионот, но дека ќе одговори на секоја идна израелска агресија.
Неколку американски медиуми објавија дека Израел минатиот петок удрил во воздухопловната база во провинцијата Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки.
Израел официјално не го коментираше нападот. Тоа уследи по иранскиот напад врз Израел во кој беа истрелани и употребени повеќе од 300 проектили и беспилотни летала.
На тој напад му претходеше смртта на двајца ирански генерали во напад на зградата на амбасадата во сириската престолнина Дамаск, која исто така му се припишува на Израел.
Канани нагласи дека нема да има ревизија на нуклеарната политика на земјата по нападот во Исфахан.
„Нуклеарното оружје нема место во одбранбената стратегија на Иран и нашата нуклеарна програма ќе продолжи да се усогласува со меѓународните прописи“, рече Канани, пренесе агенцијата Тасним.
Лицето задолжено за нуклеарната безбедност на земјата, Ахмад Хагталаб, минатата недела изјави дека, во светлината на нападот во Исфахан, „би била можна и замислива ревизија на нуклеарната доктрина и политика на Исламската Република“.
Текстот Иран: Нема да одговориме на израелскиот напад е превземен од МАКФАКС.