Иран и натаму верува дека преку дипломатија може да се стави крај на војната со Соединетите Американски Држави, но за постигнување договор Техеран бара цврсти гаранции дека конфликтот нема повторно да се разгорува. Ова го изјави иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, во интервју за државниот весник „Иран“, пренесува „Ројтерс“.
Арагчи посочи дека Иран бара „договор што ќе гарантира дека повеќе нема да има војна“ и дека пред да преземе какви било понатамошни чекори, сака да добие уверување дека Вашингтон е сериозен во врска со преговорите.
Тој додаде дека Техеран веќе разговарал со посредниците за формата и природата на можните мерки за градење доверба.
Како една од „црвените линии“ на Иран, Арагчи го посочи задржувањето на збогатениот ураниум на територијата на земјата. Сепак, изрази уверување дека е можно да се постигне „праведно решение“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека Иран сака договор, но не под услови што би биле прифатливи за него.
„Тие сакаат договор, но не сакаат договор каков што би бил прифатлив за мене“, рече Трамп на прес-конференција.
Во меѓувреме, претставници на Катар и Иран се сретнале во вторникот во рамките на разговорите насочени кон усогласување на ставовите и намалување на разликите меѓу предлозите изнесени во досегашните контакти, соопшти портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи.