Во јуни инфлацијата во Чешка падна на едноцифрена бројка од 9,7 отсто за прв пат по година и пол, што премиерот Петр Фијала го означи како добра вест, но според него, целта е далеку пониска стапка.
Чешка има помала инфлација благодарение на забавувањето на растот на цените на храната и трошоците за домување, а исто така и благодарение на поевтиното гориво, објави денеска Националното биро за статистика.
Цените на нафтата и горивата се за 25 отсто пониски од јуни минатата година, забавен е растот на цената на месото на 4,7 отсто, додека во мај беше 8,7 отсто, мастите и маслата поевтинија за 4,3 отсто.
Кириите беа повисоки за 6,9 отсто отколку во јули 2022 година, водата поскапена за 16,3 отсто, отпадните води за 26,9 отсто, струјата за 26,4 отсто, а парното и топлата вода за 40,7 отсто во однос на јули лани.
„Инфлацијата од 9,7 проценти не е наша цел. Ќе продолжиме да се обидуваме да ја скротиме со ист интензитет. Сакаме следната година да достигне многу помали бројки. Постапивме разумно со таргетирање на факторите кои создаваат инфлација. Не попуштивме на притисокот на популистите и разните експерти да ги замрзнат цените или да го намалат ДДВ-то“, изјави денеска премиерот на прес-конференција во Прага.
Премиерот Фијала се пофали дека инфлацијата е намалена благодарение на владините мерки, како што се намалувањето на цените на енергијата, притисокот врз трговските синџири да не ги зголемат своите маржи толку Чесите да плаќаат повеќе за иста стока отколку во соседните земји и дека на инфлацијата влијаела и подготвеноста на Владата да подготви пакет мерки за штедење, со цел да се намали наследениот огромен дефицит на државниот буџет.