Индискиот лунарен ровер потврди присуство на сулфур, алуминиум, железо, калциум, титаниум, манган, кислород и силициум во близина на јужниот пол на Месечината додека бара траги од замрзната вода речиси една недела по нејзиното историско слетување на сателит на Земјата.
Како што соопшти Индиската вселенска агенција (ИСРО), се очекува роверот „Чандрајан-3“ да спроведува експерименти 14 дена.
Индискиот ровер испрати податоци дека температурата на јужниот пол на Месечината е 70 степени Целзиусови. Роверот бара знаци на замрзната вода што би можеле да им послужат на идните мисии на астронаутите како потенцијален извор на вода за пиење или за производство на ракетно гориво, објави АП.
Како што е најавено, роверот ќе ја проучува и атмосферата и сеизмичката активност на Месечината.
Трасата на роверот беше репрограмирана во понеделникот кога се приближуваше до кратерот широк четири метри и сега безбедно оди по нова патека, соопшти ИСРО.
Роверот се движи бавно, околу 10 сантиметри во секунда, за да ги минимизира ударите и оштетувањата од грубиот терен на Месечината.
По неуспешниот обид за слетување на Месечината во 2019 година, Индија минатата недела им се придружи на САД, Советскиот Сојуз и Кина како четврта земја што го постигна овој подвиг.
Се проценува дека индиската мисија на Месечината чини 75 милиони долари.
Индија ја планира својата прва мисија на Меѓународната вселенска станица следната година, во соработка со САД.