– Илјадници Израелци попладнево го блокираа сообраќајот и го прекинаа движењето на главниот меѓународен аеродром во Тел Авив продолжувајќи го протестот против контроверзниот план на владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху за реформи во судството.
Напорите за усвојување на тој план го втурнаа Израел во криза без преседан и дополнително ја поделија и онака многу поларизираната земја.
Демонстрантите денеска вееја бело-сини израелски знамиња и свиреа со автомобилите блокирајќи ја главната сообраќајница пред терминалот на аеродромот Бен-Гурион и а демонстрираа во одделот за пристигнувања.
Полицијата соопшти дека најмалку четири лица се уапсени поради вознемирување на јавноста.
Нетанјаху и неговите ултра-националистички и ултраортодоксни еврејски сојузници се обидуваат да го протуркаат планот и да донесат неколку контроверзни промени во израелскиот правосуден систем, откако обидите да се постигне компромис со опозициските пратеници не успеаја.
Планираната реформа беше критикувана од американските Евреи и администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден.
Сојузникот на Нетанјаху, Симха Ротман, кој претседава со законодавната комисија на парламентот и се залага за реформи, денеска најави дека оваа недела ќе се гласа за нацрт-законот со кој на Врховниот суд ќе му се одземе овластувањата да поништи владини одлуки што ги смета за „неразумни“.
Тоа овластување беше искористено од страна на Врховниот суд на почетокот на оваа година за да спречи назначување сојузник на Нетанјаху за министер за внатрешни работи бидејќи тој беше осуден за поткуп кога беше министер во 1990-тите, а во 2021 година постигна договор со обвинителството за даночно затајување.
Противниците на реформата велат дека донесувањето на законот ќе и овозможи на владата да носи самоволни одлуки и ќе ѝ даде преголеми овластувања.
Минатата недела, повеќе од 100 резервисти на израелските воздухопловни сили соопштија дека ќе одбијат да се пријават на должност доколку владата продолжи со планот.
Нетанјаху и неговите екстремно десничарски сојузници дојдоа на власт по изборите во ноември, петти за помалку од четири години.