Апелациониот суд во Хонг Конг денеска пресуди во корист на животното партнерство на истополовите парови, но не им даде право на брак. Апелациониот суд оцени дека владата ја прекршува „својата обврска, законски да ги признава истополовите парови“, се наведува во образложението на одлуката.
Судот, сепак, едногласно го отфрли повикот да се признае правото на истополовите парови да стапат во брак.
ЛГБТ заедницата во Хонг Конг долго ја чекаше оваа судска одлука, откако претходно имаше значајни победи во судовите, поништувајќи ја дискриминаторската политика на владата за визите, даноците и субвенционираното домување. Овој последен случај беше инициран од продемократскиот активист Џими Шам, кој моментално е во притвор.
Откако ја започна правната битка во 2018 година, 36-годишниот Шам не успеа во два претходни прилики да ги убеди судиите дека Хонг Конг треба законски да го признае неговиот брак со истополов партнер, склопен во 2013 година во САД. Според една минатогодишна анкета, 60 отсто од жителите на Хонг Конг ги поддржуваат истополовите бракови, што е повеќе од 38 отсто пред една деценија.