Холивудски продуцент сведочеше на судењето против Нетанјаху за корупција

arnon_mihail_3453453
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Холивудскиот магнат Арнон Милхан денеска, на вториот ден од сведочењето на судењето за корупција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, призна дека долгата листа на подароци, шампањ, пури и накит, кои системски му ги давал на израелскиот политичар, можеби била претерана.

Милхан, продуцентот на филмовите „Убава жена“, „Дванаесет години ропство“ и „Боемска рапсодија“, е клучен сведок во еден од трите случаи во кои е обвинет Нетанјаху.


Обвинителите се обидуваат да докажат дека Нетанјаху извршил измама и ја злоупотребил својата положба, а Милхан (78) сведочи преку видео врска во Брајтон, Англија.

Тие тврдат дека во замена за подароците, Нетанјаху работел за Милхан, а адвокатите на Нетанјаху велат дека тоа биле пријателски гестови.

На првиот ден од сведочењето, Милхан рече дека пријателството вклучувало неколку подароци за семејството Нетанјаху кои се претвориле во редовни барања и станале рутина.

Рутината станала толку вообичаена што за подароци се користеле кодни зборови, како на пример, за пури „листови“ и за шампањ „рози“.

Милхан им рекол на своите соработници да им дадат на семејството Нетанјаху „што и да посакаат“ и дека премиерот го уверил дека ништо не е нелегално.

На прашањето дали некогаш одбил барање за подароци, Милхан одговори дека не се сеќава.Тој исто така нагласи дека го смета Нетанјаху за пријател, но дека на полицијата и рекол дека се чувствувал непријатно бидејќи подароците не биле возвратени.

Во обвинението против Нетанјаху се наведува дека Милхан нему и на неговата сопруга Сара им дал подароци во вредност од околу 200.000 долари.

Нетанјаху, се додава, го искористил своето влијание и дипломатските контакти, вклучително и со поранешниот американски државен секретар Џон Кери, за да му помогне на Милхан да ја продолжи својата американска виза.

Покрај тоа, обвинет е дека наводно се обидел да донесе закон со кој Милхан ќе биде ослободен од милионски даноци.

Холивудскиот продуцент, кој не е обвинет во случајот, потврди дека му пришол на Нетанјаху за виза, но дека Кери му рекол дека не може да му помогне.

Нетанјаху вчера и денеска се појави за време на сведочењето на Милхан пред судот во Ерусалим.

Во другите два случаи, премиерот на Израел е обвинет за поткуп, злоупотреба на службената положба и измама, бидејќи во замена за поволно покривање за себе во медиумите, се обидел да им обезбеди на медиумските магнати намалување на влијанието на конкурентски весник и поволни регулативи заради обезбедување повеќемилионски профит.

Тој негира дека направил нешто погрешно и тврди дека е жртва на „лов на вештерки“ оркестриран од либералните медиуми и пристрасниот правосуден систем.

Судењето започна во 2020 година, а Нетанјаху сè уште не сведочел.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK