Гувернерот на Северна Дакота влезе во трката за републикански претседателски кандидат

burgum
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Гувернерот на американската сојузна држава Северна Дакота, Даг Бургум, соопшти дека влегува во трката за републикански претседателски кандидат за изборите во 2024 година.

Шеесет и шестгодишниот Бургум, поранешен софтверски претприемач, се приклучува на долгата листа на претенденти за републикански претседателски кандидат, меѓу кои според анкетите на јавното мислење води поранешниот американски претседател Доналд Трамп.


Гувернерот на Северна Дакота, четвртата најмалку населена држава во САД, ја објави својата кандидатура во Вол Стрит Џурнал и ја почна кампањата во неговиот роден град Фарго, кој е блиску до малиот земјоделски град Артур каде што пораснал.

– Не треба да чуди што цел живот сум воден од вредностите на малите градови. И искрено, големите градови би можеле да искористат повеќе идеи и повеќе вредности од малите градови во моментов, рече тој пред толпата поддржувачи.

Бургум зборуваше пред транспарент на кој пишуваше „Нов лидер за економија што се менува“, слоган што првпат го користеше во неговата успешна кампања за гувернер во 2016 година. Тој беше реизбран за гувернер во 2020 година и има право да се кандидира за трет мандат во 2024 година.

Во 1983 година ја основа компанијата Great Plains Software, која ја купи Мајкрософт во 2011 година, а Бургум остана потпретседател на Мајкрософт до 2007 година.

На неговиот прв настап во претседателската кампања одржан во поранешна црква во Фарго присуствуваа многу истакнати републиканци од Северна Дакота, вклучително и двајца поранешни гувернери и водечки членови на администрацијата на државата. Многумина се сликаа на бината пред црвено-бело-синиот знак „ДагБургум за Америка“.

Бургум е малку познат надвор од Северна Дакота и се соочува со огромен предизвик меѓу претендентите во кои доминираат Трамп и попознатиот гувернер во таа трка, Рон Десантис од Флорида.

Тој не е ниту најистакнатиот кандидат кој денеска ја почна претседателската кампања. Поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс во државата Ајова во исто време ја почна кампањата за републикански претседателски кандидат.

Покрај Трамп, Десантис и Пенс, во трка за претседателски кандидат на републиканците се и поранешната амбасадорка на САД во ОН Ники Хејли, сенаторот од Јужна Каролина Тим Скот, поранешниот гувернер на Њу Џерси Крис Кристи, поранешниот гувернер на Арканзас Ејс Хачинсон, водителот Лери Елдер и претприемачот Вивек Рамасвами. Републиканскиот претседателски кандидат треба да се соочи со претседателот од редовите на демократите Џо Бајден во ноември 2024 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK